ИСТОРИЈА И МЕСТОПОЛОЖБА НА УЧИЛИШТЕТО
Основното училиште „Симче Настовски" - Вратница е училиште со долга и богата традиција. Формирано е во далечната 1893 год. Денешното име го добило по првоборецот од овој крај Симче Настовски, кој го дал својот млад живот во 1943 год. за слободата на Македонија, на 18-годишна возраст.
„Симче Настовски“ се наоѓа во тетовскиот регион во Општина Јегуновце. Училиштето е централно со пет подрачни училишта и е сместено е во пазувите на Шар Планина, а над него високо се издига врвот Љуботен. Привилегија на училиштето е што работи во една здрава и чиста еколошка средина. Подрачјето е богато со шуми, пасишта, езерца, и е развиено земјоделството, а индустријата стагнира.
Централното училиште се наоѓа во с. Вратница каде се образуваат и воспитуваат ученици од I-IX одд. на македонски наставен јазик.
Од 1981 год. се воспитуваат и образуваат деца со лесни пречки во психичкиот развој во посебни паралелки.
Согласно законот за основно образование од 2019 година, посебните паралелки се трансформираат во Центар за поддршка на учењето, со цел на обезбедување на квалитетно образование за сите ученици со посебни образовни потреби.
Воспитно-образовната работа во центaрoт за поддршка на учењето ја остваруваат еден специјален едукатор и рехабилитатор – дефектолог со соодветно високо образование. Центарот за поддршка на учењето е лоциран во ООУ „Симче Настовски“ – Вратница.
Центарот за поддршка во учењето при ООУ „Симче Настовски “- Вратница располага со:
- 1 кабинет / училница соодветно опремена со едукативно дидактички наставни средства и помагала, каде ќе се реализира образовна (по модифицирана програма), рехабилитациска и советодавна поддршка;
- исто така училницата е опремена и за изведување корективни вежби и психомоторна реедукација;
- сензорна соба.
Центарот за поддршка во учењето при ООУ „Симче Настовски “- Вратница е наменет за поддршка на учениците со посебни образовни потреби во самото училиште како и на учениците со посебни образовни потреби на територијата на општина Јегуновце, преку вклучување на сите кадровски и просторни капацитети и ресурси за овозможување на ефективно и ефикасно
инклузивно образование за сите ученици со посебни образовни потреби. Центарот за подршка дава и соодветна стручна подршка на наставниот кадар, стручните соработници, родителите, односно старателите и инклузивниот тим во другите основни училишта на подрачјето на општина Јегуновце.
Денес училиштето располага со училници опремени со компјутери и современи наставни средства, библиотека со читална, игралишта, парк, кујна и трпезарија.
Во состав на училиштето влегуваат пет подрачни училишта во селата: Рогачево, Старо Село - каде се изведува настава на македонски наставен јазик и Јажинце, Орашје и Долно Орашје - каде се изведува настава на албански наставен јазик.
Сите подрачни училишта се петгодишни, освен ПУ с. Јажинце кое е деветгодишно.