Од јуни 2013 г. нашето училиште е вклучено во Проектот за меѓуетничка интеграција во образованието. Почнувајќи од учебната 2013 / 2014 г. во училиштето се спроведуваат низа активности за меѓуетничка интеграција помеѓу учениците од нашето училиште, но спроведени се и повеќе активности со партнер - училиштата. Училиштето има склучено партнерство со следните училишта: ООУ „Славко Лумбарковски“ - Новаци, ООУ „Илинден“ - Крива Паланка и ООУ „Кочо Рацин“ - Прилеп.
Како резултат на успешно реализираните активности училиштето го доби Големиот грант на проектот за реновирање на училиштето, преку кој беше изградено спортско игралиште во ПУ Јажинце, беа реновирани трибините на игралиштето во ЦУ Вратница и беа поправени подовите во ПУ Орашје. Петгодишниот проект на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието работи на зголемување на разбирањето кај пошироката јавност за придобивките за сите граѓани што произлегуваат од интегрирањето на образовниот систем во Р. Македонија. Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието работи на создавање на политичка, социјална и економска клима потребна за Македонија да постигне одржлива интеретничка интеграција во училиштата, во останатите образовни институции, па и во целото општество. Во фокусот на проектните активности се учениците, родителите, наставниците, администрацијата и членовите на училишните одбори во сите основни и средни училишта во Р. Македонија. Притоа, советниците од Бирото за развој на образованието и просветните инспектори на државно и регионално ниво исто така имаат централна улога во постигнувањето на одржлива промена и учествуваат во активностите за јакнењето на способностите. За успех на Проектот потребно е сите заинтересирани учесници од училиштата, заедниците и локалната власт да учествуваат во овие активности. Нашиот пристап во имплементирањето на Проектот создава средина во која сите страни активно учестуваат во оваа иницијатива. Тие ја разбираат важноста на меѓуетничката интеграција во образованието и кон овој Проект да се однесуваат одговорно и отчетно сѐ со цел да се постигне успех. Постигнувањето и одржувањето на меѓуетничка интеграција во образованието е еден комплексен и долгорочен процес. Препознавајќи го ова, Проектот ги вклучи главните заинтересирани учесници во сите активности, така што во текот на Проектот тие ја преземаат одговорноста за постигнување на проектните цели и се двигатели на одржлива промена. Со планот на Проектот, исто така, внимателно се прави редослед на активностите, така што во секоја фаза се градат способности потребни за фазите што следат. Најважно е подобрувањето на меѓуетничката комуникација и надминување на етничките, културолошките и јазичните препреки.
0 Comments
|